Оff-label употреба на селективните инхибитори на превземање на серотонин (SSRI) во клиничката пракса

Селективните инхибитори на превземање на серотонин (анг. Selective serotonin reuptake inhibitors SSRI) во клиничката пракса најчесто се користат за лекување на различни психијатриски, односно психолошки состојби. Тие се одобрени за третман на булимија, анксиозност, депресивни епизоди, опсесивно-компулсивно пореметување, панично пореметување, и за посттрауматско нарушување. Само три SSRI (флуоксетин, пароксетин и сертралин) се одобрени за третман на предменструален синдром и предменструален дисфоричен синдром.

SSRI селективно ги блокираат серотонинските транспортери зголемувајќи ја нивната концентрација на соматодендритските и пресинаптичките нервни завршетоци.

Како што се зголемуваат податоците за профилот на безбедност и ефикасност на SSRI, така се зголемува и примената на овие лекови надвор од одобрените индикации (off-label):

Дисморфофобија

Дисморфофобија е психичко нарушување кое се карактеризира со страв дека сопствената појава може да биде грда. Проследена е со компулсивни однесувања кои можат да го засегнат нормалниот живот на човекот. Се претпоставува дека при ова нарушување постои дисбаланс во серотонергичната сигнализација, па затоа и во одредени случаи се користат SSRI како off-label лекови. Најчесто користени се есциталопрам и флувоксамин.

Неконтролирано импулсивно однесување

Импулсивноста е тенденција на индивидуата да се однесува без промисленост, и најчесто се карактеризира со клептоманија, пироманија или патолошко коцкање. Можно е серотонинот да е вклучен во регулирање на импулсивните однесувања во префронталниот кортекс, па поради ова се користат флуоксетин или циталопрам.

Синдром на иритаблини црева (IBS)

IBS е функционално нарушување кое е проследено со дијареја, констипација, подуеност и абдоминална болка. Ова нарушување има повеќе причинители, а едни од нив се и психолошките фактори. Трицикличните антидепресиви се покажале ефикасни во намалување на симптомите на IBS, а последните студии покажуваат дека SSRI се поефикасни од трицикличните антидепресиви кај ова нарушување.

Мигрена

Теоретски, намалените нивоа на серотонин може да доведат до мигренозни главоболки. Типична off-label употреба на SSRI е во профилакса на мигрена. Флуоксетинот во дози од 20 до 40 mg на ден се покажал како ефикасен лек во намалување на симптомите од мигрена. Важно е да се забележи дека употребата на SSRI е проследена со многу несакани ефекти.

Парафилија и хиперсексуалност

SSRI наоѓаат примена во контрола на парафиличните нарушувања (повторливи, интензивни сексуални однесувања и потреби) и хиперсексуално однесување. Некои испитувања покажуваат дека покачувањето на нивоата на серотонин допринесува за намалување на сексуалниот нагон.

Прерана ејакулација

Скоро 40% од мажите имаат прерана ејакулација. Серотониннот допринесува за регулација на ејакулаторниот рефлекс. Пароксетинот дал најдобри резултати кога се применувал за контрола на рана ејакулација.

References:

Clinicians Use SSRIs Off- Label in Many Conditions. January 25, 2024. Достапно на: https://www.pharmacytimes.com/view/clinicians-use-ssris-off--label-in-many-conditions

Датум на пристап: 30 January 2024