Суплементација со витамин К може да ја подобри инсулинската резистенција кај постари пациенти со дијабетес тип 2

Податоците од повеќе студии во литературата сугерираат дека развојот  на дијабетес мелитус е поврзан со недостаток на некои витамини и минерали, меѓу кои е и витамин К и согласно тоа суплементација со овој витамин има потенцијал да помогне во третманот на инсулинска резистенција и дијабетес мелитус тип 2.

Дијабетес мелитус е една од најзастапените патолошки состојби во светот и многу често е придружена со слепило, бубрежна инсуфициенција, миокардни инфаркти, мозочни удари и ампутација на екстремитети. Витамин К има круцијална улога во липидниот метаболизам и намалувајќи ги серумските нивоа на HDL и триглицериди има значаен ефект во третманот на дијабетес тип 2.

Според литературните податоци, витамините Б9, Е, Д, Б1 и К и цинк се позитивно асоцирани со дијабетес и предијабетес, а од наведените витамин К се покажал како клучен во глукозниот и липидниот метаболизам. Истражувањата покажале дека витамин К нема влијание врз гликемијата во фаза на гладување, но влијае на нивоата на инсулин и глукоза по конзумирање на оброк и како резултат на тоа суплементација со витамин К може да ја подобри инсулинската резистенција и коскената густина кај повозрасни пациенти, по тригодишна употреба.

Цинкот исто така има значајна улога во третманот на инсулинска резисенција поради неговото учество во продукцијата и складирањето на инсулинот. Најновите истражувања се насочени кон проучување на цинкот како компонента во антидијабетичните лекови бидејќи има способност да ја намали постпрандијалната хипергликемија во период од 2 часа по оброк, да активира молекули кои учествуваат во регулација на глукозните нивоа во крвта и да го продолжи дејството на инсулинот.

Други витамини и минерали кои имаат улога во развојот на дијабетес тип 2 се фолатите, витамин Е и витамин Д. Кога се даваат во соодветни дози, фолатите може да го редуцираат ризикот од развој на дијабетес преку подобрување на инсулинската сензитивност и намалување на инсулинската резистенција. Витамин Е има способност да го намалува нивото на хемоглобин A1C и да го подобри терапевтскиот исход од болеста. Претходни студии го поврзуваат дефицитот на витамин Е со дијабетична невропатија и кардиоваскуларни нарушувања и согласно на тоа овој витамин има значајна улога во третманот на пациенти со дијабетес тип 2. Дефицитот на витамин Д го зголемува ризикот од развој на дијабетес тип 2.

Истражувањата на витамините Б3, Б6, Ц и А и нивната поврзаност со развојот на дијабетес мелитус се контрадикторни и нема доволно цврсти докази кои го покажуваат нивното значење во менаџирање на оваа болест.

Достапните податоци не се доволни и потребни се опсежни истражувања за определување на улогата на витамините и минералите во манифестацијата и менаџирањето на дијабетес тип 2, како и дефинирање на механизмите на нивното влијание кај оваа болест.

Референци:

Younes S (2024). The role of micronutrients on the treatment of diabetes. Human Nutr & Metab.. doi:10.1016/j.hnm.2023.200238

Достапно на: January 26, 2024