Metformin е бигванид со антихипергликемичен ефект, кој ја снижува и базалната и постпрандијалната глукоза во плазмата. Не стимулира секреција на инсулин и затоа не предизвикува хипогликемија. Metformin може да делува преку три механизми:
- Намалување на создавањето на глукоза во хепарот преку механизам на инхибиција на глуконеогенезата и глукогенолизата;
- Дејство на ниво на мускулите преку зголемување на инсулинската сензитивност, со подобрување на периферното преземање и искористување на глукозата;
- Одложување на интестиналната апсорпција на глукозата.
Metformin ја стимулира интрацелуларната синтеза на гликоген, делувајќи на гликоген синтетазата. Тој исто така го зголемува транспортниот капацитет на сите типови на мембрански глукозни транспортери кои се досега познати.
По ингестија, метформинот е преземен од страна на хепатоцитите преку органскиот катјонски транспортер тип 1 (OCT-1), по што метформинот се акумулира во митохондриите. Метформинот го инхибира митохондријалниот комплекс I, со што се спречува продукција на митохондријален ATP и како резултат на тоа доаѓа до зголемување на концентрацијата на ADP и AMP во интрацелуларниот простор. Oвие промени ја активираат AMP-активираната протеинска киназа (AMPK) – ензим кој игра важна улога во регулацијата на метаболизмот на глукозата. Поради зголемениот AMP:ATP однос, доаѓа до инхибиција на ензимот фруктоза 1,6-бифосфатаза, како резултат на што се инхибира глуконеогенезата; дополнително, доаѓа до инхибиција на аденилат циклазата, како резултат на што се намалува продукцијата на цикличниот аденозин монофосфат (cAMP). Активираната AMPK врши фосфорилација на две изоформи на ацетил-CoA карбоксилаза, со што се инхибира синтезата на масти и се зголемува чувствителноста на хепарот кон инсулин.
Metformin таблетите со продолжено ослободување се наменети исклучително за возрасни пациенти со нормална бубрежна функција (GFR ≥ 90 mL/min).
Moнотерапија при намалување на ризикот или одложување на манифестацијата на тип II дијабетес кај возрасни, гојазни пациенти со предијабетес
- Третманот започнува со една таблета metformin 500mg, еднаш дневно, со вечерниот оброк;
- По 10-15 дена, дозата треба да се прилагоди врз основа на мерењето на глукозата во крвта;
- Максималната препорачана доза е 4 таблети (2000mg), еднаш на ден, со вечерниот оброк.
Монотерапија и комбинација со други орални антидијабетици
- Вообичаена почетна доза е една таблета дневно;
- По 10-15 дена, дозата треба да се прилагоди врз основа на мерењето на глукозата во крвта;
- Максималната препорачана доза е 4 таблети (2000mg), еднаш на ден, со вечерниот оброк;
- Дозата треба да се зголемува за 500mg на секои 10-15 дена, до максималната доза од 2000mg дневно; доколку контролата на гликемијата не е постигната со земање на таблетите еднаш дневно, треба да се разгледа можноста од употреба на лекот двапати дневно, двете дози земени со оброк;
- Кај пациенти кои се претходно третирани со metformin, почетната доза треба да биде еквивалентна на дневната доза на metformin таблетите со брзо ослободување;
- Metformin таблетите со продолжено ослободување од 750mg и 1000mg се наменети за пациенти кои веќе се на третман со metformin; дозата на овие таблети треба да биде еквивалентна на дневната доза таблети metformin со продолжено или брзо ослободување, до максимална доза од 1500mg или 2000mg, соодветно, дадена со вечерниот оброк.
Комбинација со инсулин
- Вообичаена почетна доза на metformin е една таблета дневно, додека дозирањето на инсулинот е според вредностите на крвната гликемија;
- Кај пациентите кои се третирани со metformin и инсулин како комбинирана терапија, дозата на metformin таблетите со продолжено ослободување од 750mg и 1000mg треба да биде еквивалентна на дневната доза дадена со metformin таблети, до максимална доза од 1500mg или 2000mg, соодветно, дадена со вечерниот оброк, додека дозата на инсулинот треба да се оптимизира според вредностите на крвната гликемија.
Посебни популацииПовозрасни пациенти
- Препорачливо е прилагодување на дозата врз основа на реналната функција.
Педијатриска популација
- Metformin таблетите со продолжено ослободување се контраиндицирани кај деца.
Пациенти со ренално оштетување
- Препорачливо е прилагодување на дозата (Табела 1.).
Табела 1. Прилагодување на дозата на metformin врз основа на реналната функција
GFR (mL/min)
|
Тотална максимална дневна доза (да се подели на 2-3 дневни дози)
|
Дополнителни забелешки
|
60-89
|
3000mg
|
Може да се земе предвид редукција на дозата во зависност од намалувањето на бубрежната функција
|
45-59
|
2000mg
|
Пред започнување на третманот со metformin треба да се разгледаат факторите кои може да го зголемат ризикот од лактатна ацидоза; почетната доза треба да биде најмалку половина од максималната.
|
30-44
|
1000mg
|
< 30
|
/
|
Метформинот е контраиндициран
|
Контрастни средства со јод
- Metformin мора да се прекине 48 часа пред процедурата на администрација на јодниот контраст или за време на истата и не треба да се продолжи со терапијата најмалку 48 часа по тестирањето, откако повторно ќе се процени реналната функција и ќе се потврди дека истата е стабилна.
Лекови кои негативно влијаат врз реналната функција
- Не се препорачува истовремена употреба на metformin со лекови кои негативно влијаат врз реналната функција, како што се:
НСАИЛи
Селективни COX-2-инхибитори
АКЕ-инхибитори
Ангиотензин II рецепторни антагонисти
Диуретици (особено диуретици на Хенлеова петелка)
бидејќи истовремена употреба на metformin со горенаведените групи на лекови може да го зголеми ризикот од појава на лактатна ацидоза.
Инхибитори на органскиот катјонски транспортер ОСТ1
- Не се препорачува истовремена употреба на metformin со инхибитори на органскиот катјонски транспортер ОСТ1, како што е:
Верапамил
бидејќи истовремената употреба на верапамил со metformin може да ја намали ефикасноста на метформинот.
Индуктори на органскиот катјонски транспортер ОСТ1
- Не се препорачува истовремена употреба на metformin со индуктори на органскиот катјонски транспортер ОСТ1, како што е:
Рифампицин
бидејќи истовремената употреба на рифампицин со metformin може да ја намали гастроинтестиналната апсорпција и ефикасноста на метформинот.
Инхибитори на органскиот катјонски транспортер ОСТ2
- Не се препорачува истовремена употреба на metformin со инхибитори на органскиот катјонски транспортер ОСТ2, како што се:
Циметидин
Долутегравир
Ранолазин
Триметоприм
Вандетаниб
Исовакуназол
бидејќи истовремената употреба на овие лекови со metformin може да резултира со намалување на реналната елиминација на метформинот, а тоа да доведе до зголемување на плазматските концентрации на metformin.
Инхибитори на органските катјонски транспортери ОСТ1 и ОСТ2
- Не се препорачува истовремена употреба на metformin со инхибитори на органските катјонски транспортери ОСТ1 и ОСТ2, како што се:
Кризотиниб
Олапариб
бидејќи истовремената употреба на овие лекови со metformin може да ја промени ефикасноста и реналната елиминација на metformin.
Алкохол
- Постои зголемен ризик од лактатна ацидоза при интоксикација со алкохол, особено во случаи на гладување или неухранетост или хепатални нарушувања.
За време на терапијата со metformin се препорачува да се избегнува внесување на бел леб, бел ориз, тестенини, засладени пијалоци или десерти; овој тип на храна нема да го инактивира метформинот, туку ќе ја отежни манифестацијата на неговото фармаколошко дејство, со оглед на тоа што овој тип на храна придонесува за значително покачување на серумските нивоа на глукоза.
Метформинот нема влијание врз репродуктивноста на жените и мажите.
Хипогликемија не е забележана кај дози и до 85g, иако во такви околности се јавува лактатна ацидоза. Најдобар начин за отстранување на лактатот е со хемодијализа.
Задолжително проверете го рокот на употреба и условите на чување означени на надворешното пакување.