Cresomycin - нов антибиотик создаден на Универзитетот „Харвард“
На Универзитетот Харвард, од страна на истражувачката група за хемија и хемиска биологија, бил создаден нов антибиотик кој е ефикасен против соеви на бактерии кои покажуваат висока резистенција кон други посилни антибиотици. Името на новиот антибиотик е cresomycin и е активен дури и кон резистентни соеви на Staphylococcus aureus и Pseudomonas aeruginosa. С? уште не е познато дали cresomycin е ефикасен и безбеден за употреба кај луѓе.
Новиот антибиотик покажува одлична способност да се врзе за бактериските рибозоми, преку кои се оневозможува синтезата на нови протеини во бактериите. Мотивот за синтеза на овој нов антибиотик истражувачите го црпат од фактот што повеќето од антибиотиците делуваат на рибозомите и инхибиција на синтеза на протеини, а хемиската структура на cresomycin се базира на онаа на добро познатиот антибиотик клиндамицин (clindamycin).
Добро е познато дека бактериите можат да создадат резистенција кон антибиотици преку експресија на гени кои може да продуцираат ензими познати како РНК метилтрансферази. Овие ензими им оневозможуваат на антибиотиците да се врзат за рибозомите и да ја попречат продукцијата на нови протеини во бактериската клетка. На ваков начин е попречена активноста на антибиотиците кои делуваат врз бактериските рибозоми.
За да го надминат овој проблем, истражувачите го создале cresomycin на таков начин за целосно да одговара на врзувачкото место за кое се врзува антибиотикот за рибозомот.
Со ветувачките резултати кои ги покажува антибиотикот, за сега само на in vitro испитувања, се дава голема надеж во третманот на бактериските инфекции, како и чекор напред кон решавање на предизвикот за нивна резистенција.
Reference: Kelvin J. Y. Wu et al. (2024). An antibiotic preorganized for ribosomal binding overcomes antimicrobial resistance. Science. DOI: 10.1126/science.adk8013.
Достапно на: https://phys.org/news/2024-02-superbug-killer-synthetic-molecule-highly.html
Датум ан пристап: February, 2024.