Суплементација со витамин Д кај бремени жени може да го намали ризикот од појава на аутизам кај новородени

Резултатите од една нова студија покажуваат дека суплементацијата со витамин Д и мултивитамини за време на бременоста може да го редуцира ризикот од појава на аутизам (анг. Autism Spectrum Disorder, ASD). ASD е невролошко заболување кое се карактеризира со нарушена способност за социјални интеракции, како и ограничени и повторливи однесувања, активности и интереси. Покрај неговата функција во метаболизмот и регулацијата на калциум и фосфор, витаминот Д поседува и невропротективно дејство и игра клучна улога во диференцијацијата и созревањето на невроните.

Во последните години инциденцата на ASD е зголемена и најновите литературни податоци сугерираат дека постојат одредени ризик фактори, како што е нутритивниот дефицит, асоцирани со развојот на ова невролошко нарушување. Сепак, доказите за улогата на витамин Д и мултивитамини во развојот на ASD се ограничени.

Оваа студија го евалуирала влијанието на суплементација со витамин Д и мултивитамини во периодот на бременоста врз ризикот од развој на ASD кај новороденото. Кохортната група вклучувала 1321 дете со ASD и 1200 деца со типичен невролошки развој. Истражувачите ја споредувале поврзаноста помеѓу суплементација на бремените жени со витамин Д, со мултивитамин (со или без витамин Д) или без суплементација, и инциденцата на ASD.

ASD симптомите биле проценувани со примена на повеќе листи за проверка на однесувањето на аутизмот, а исто така биле евалуирани и нивоата на невролошки развој. Дополнително, истражувачите ја евалуирале поврзаноста помеѓу суплементација и сериозноста или преваленцата на некои ASD симптоми кај децата со дијагностициран ASD.

Резултатите од студијата покажуваат дека децата со ASD  чии мајки користеле суплементи со витамин Д или мултивитамин во периодот на бременоста, демонстрирале подобри комуникациски вештини, помало бихејвиорално нарушување и поголема способност за социјална интеракција.

Согласно добиените резултатите, симптомите на ASD  кај деца со предиспозиција за развој на ова невролошко нарушување може да бидат модифицирани со примена на препарати на витамин Д или мултивитамини кај мајката во периодот на бременоста.

Референци:

Qi X, Yang T, Chen J, et al. Maternal multivitamin supplementation is associated with symptoms in offspring with autism spectrum disorder: A multi-center study in China. Res Aut Spec Disr.2024. DOI:10.1016/j.rasd.2023.102309

Достапно на: Maternal multivitamin supplementation is associated with symptoms in offspring with autism spectrum disorder: A multi-center study in China - ScienceDirect