Како бактериската вагиноза е поврзана со компликации во бременоста?

Резултатите од една студија неодамна укажуваат дека при бактериска вагиноза, одредени вагинални микроби можат да ги нарушат протективните својства на гликаните на вагиналните епителни клетки и на тој начин да го променат процесот на нормалното функционирање на клетките.

Познато е дека бактериите кои се наоѓаат во вагиналните регии имаат важна улога во репродуктивното здравје на жената. Бактериска вагиноза е честа состојба во која составот на вагиналната микробиота е променета, со помал процент на лактобацили и зголемен процент на Gardenerella и други анаерони бактерии. Бактериската вагиноза може да доведе до предвремено породување, а во најтежок случај и губење на плодот.

Истражувачите ги анализирале епителните клетки земени од луѓе, чија површина е покриена со протективни гликани (јаглехидратни молекули), кои доаѓаат во контакт со бактериите и другите микроби. Анализите откриле дека во ткивата со вагиноза била променета динамиката и составот на протективните гликани, а претпоставката е дека одредени ензими, кои се нарекуваат сијалидази кои се продуцирани од страна на Gardnerella, делумно ги разградуваат гликаните на површината на епителните клетки, и на тој начин создаваат состојба на вагиноза. Ова било потврдено кога здрави епителни клетки биле изложени на истиот ензим, и покажале исто однесување како и оние клетки кои биле инфицирани.

Овие откритија сугерираат дека при бактериска вагиноза, одредени вагинални микроби ја попречуваат нормалната функција на протективните гликани на епителните клетки и на тој начин го менуваат нормалниот процес на клеточното функционирање.

Референци:

MicrobiomePost. How vaginal microbes are linked to pregnancy complications. March 1, 2024.

Достапно на: https://microbiomepost.com/how-vaginal-microbes-are-linked-to-pregnancy-complications/

Датум на пристап: 12 март, 2024.