Гестацискиот дијабетес може да го зголеми ризикот од инфекција со стрептококи од група Б
Клинички податоци објавени во списанието Nature, сугерираат дека гестацискиот дијабетес мелитус може да го зголеми ризикот од фетална инфекција и да го влоши исходот од in utero инфекција со група Б стрептококи. Како причина за зголемениот ризик и влошениот исход од инфекцијата се наведуваат промената на вагиналната микрофлора, како и намален имунолошки одговор.
Стрептококите од група Б се бактерии кои природно се наоѓаат во вагиналните регии, и кога предизвикува инфекција е еден од најголемите причинители за морталитет кај новороденчиња во светот. Околу 18% од бремените жени во светот имаат инфекција од стрептококи од група Б.
Гестацискиот дијабетес може да го зголеми ризикот од инфекција дури за 3 пати, но и покрај овие податоци, истражувачите не можат со сигурност да утврдат кои се точните молекуларни механизми кои доведуваат до зголемениот ризик, и поради тоа во моментов се вршат студии на животни за да се разберат и овие механизми.
Од досегашните достапни податоци од животинските студии, се утврдило дека кај женски глувци со индуциран гестациски дијабетес мелитус, присутноста на бактериите in utero била повисока за разлика од оние кои немале гестациски дијабетес. Исто така, некои глувци со гестациски дијабетес имале променет имунолошки одговор кон вагиналниот микробиом и променети транскрипциски одговори кон имуни промени. Токму овие променети одговори во транскрипцијата на одредени протеини, вклучувајќи ги и цитокините, довеле до претпоставката дека цитокините и промената во транскрипциските фактори влијаат на зголемување на ризикот од инфекција.
Идните истражувања ќе бидат фокусирани на откривање на механизмите за зголемениот ризик од инфекција.
Референци:
Mercado-Evans V, Mejia ME, Zulk JJ, et al. Gestational diabetes augments group B Streptococcus infection by disrupting maternal immunity and the vaginal microbiota. Nat Commun. 2024;15:1035. DOI:10.1038/s41467-024-45336-6