„Фармацијата ги зајакнува здравствените системи“ е официјалното мото за светскиот ден на фармацевтите – 25 септември
Во време кога здравствените системи ширум светот се опоравуваат од кризата со COVID-19 и
постои општ консензус дека е потребна итна акција за здравствените услуги да ги задоволат
потребите на иднината, овогодинешната кампања за Светскиот ден на фармацевтите претставува
можност за зголемување на свеста за фармацевтите како потенцијално решение на овој глобален
проблем.
COVID-19 претставува непобитен доказ за способностите на фармацевтската професија да ги
поддржува здравствените системи ширум светот. Според Американското здружение на
фармацевти, на пример, за време на пандемијата, фармацевтските тимови во САД обезбедиле
над 350 милиони клинички интервенции во форма на тестирање за COVID-19, вакцинација,
третман и нега при хоспитализацијата.
Многу меѓународни агенции го дефинираат добро функционалниот здравствен систем како
систем кој има: достапност до лекови, сигурно снабдување со лекови и технологии; обучени и
мотивирани здравствени работници; добра инфраструктура (вклучувајќи подобрено управување);
здравствени политики засновани на докази и соодветно финансирање на здравствениот систем.
Без сомнение, фармацијата и фармацевтите се од суштинско значење за пристапот до
здравствените услуги, обезбедувањето на безбеден синџир на снабдување со лекови и нивната
рационална употреба. FIP ја поддржува професијата и професионалците во овие клучни улоги, но
исто така работи на трансформирање на практиката, науката, образованието и работната сила
согласно развојните цели на FIP и усогласените ресурси и ги повикува владите да го зголемат
финансирањето за здравствените услуги и подобрување на работната средина за здравствените
работници.
Мисијата на FIP е да ги поддржи глобалните здравствени услуги преку овозможување на
унапредување на фармацевтската пракса, науката и образованието. Да ја земеме аптеката во
определена заедница како пример. Овој сектор од професијата ја зајакнува здравствената заштита
преку обезбедување совети, информации и едукација, тријажа, скрининг/тестирање и упатување,
администрирање вакцинации, пропишување и намалување на полимедикацијата, како и следење
на безбедноста и ефикасноста на терапијата. Сепак, постои широк опсег на други потреби што
можат да ги обезбедат фармацевтите во заедницата, што би го намалило притисокот и би
заштедило време за другите професионалци во здравствениот систем. Како експерти за лекови, на
повеќе фармацевти би можело да им се дозволи да пропишуваат и иницираат терапија со лекови.
Фармацевтите, исто така, имаат вештини да го преземат управувањето со пациенти со долгорочни
состојби како што е дијабетесот. Потребен е напредок и прогрес во сите држави доколку сакаме
да постигнеме универзална здравствена покриеност.
Пораката на FIP за Светскиот ден на фармацевтите 2023 година е јасна: Дозволете им на
фармацевтите да сторат повеќе.
Кампањата на Светскиот ден на фармацевтите на FIP е можност фармацијата да ги прослави
своите достигнувања во поддршката на заедницата, но и да ја покаже својата вредност и
понатамошниот потенцијал за подобрување на здравјето на популацијата.
REFERENCES:
https://www.fip.org/world-pharmacists-day